Даниел Димевски одржа предавање во Битола на тема „Финансиски менаџмент во спортската администрација – буџетирање, стратешки планови, спонзорства и партнерства
Во рамки на програмата за развој на спортската администрација, Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, одржа предавање во Битола посветено на современите практики на финансиски менаџмент во олимписките и спортските организации
Во своето излагање, Димевски се осврна на планирањето и оптимизацијата на буџетите, подготовката на стратешки и оперативни финансиски планови, како и на принципите на транспарентно и одржливо управување со јавни и приватни средства.
Посебен акцент беше ставен на структурата и подготовката на договори за спонзорство и партнерство, нивната правна и финансиска рамка, како и на потребата од градење долгорочни односи со корпоративниот сектор преку взаемна вредност и јасно дефинирани обврски.
Димевски исто така ги истакна можностите за финансирање преку европски програми и ЕУ фондови, нагласувајќи ја важноста на проектниот пристап и интеграцијата на спортските организации во меѓународните иницијативи и партнерства.
Предавањето беше насочено кон унапредување на капацитетите на спортските работници и поттикнување на поефикасно управување со ресурсите во спортските клубови, националните спортски федерации и Општина Битола.