Назад
ЈАВЕН ПОВИК за пријавување на кандидати за Меѓународниот курс за тренери (ICC) – Есен 2026

Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), во соработка со Унгарскиот универзитет за спортски науки (HUSS), Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Олимписка солидарност, објавува повик за номинирање на квалификувани тренери за учество на престижниот Меѓународен курс за тренери (International Coaching Course - ICC).


Оваа програма, која постои од 1971 година и има обучено над 2.500 тренери од целиот свет, претставува исклучителна можност за стручно усовршување преку комбинација на теоретска едукација и практична работа во врвни спортски објекти во Будимпешта.

ДЕТАЛИ ЗА ПРОГРАМАТА

● Локација: Будимпешта, Унгарија (HUSS Кампус)

● Времетраење: 8 недели (на кампус)

● Период на одржување: 7 октомври – 26 ноември 2026 година

● Спортски дисциплини за есенскиот семестар 2026:

1. Кошарка

2. Фудбал

3. Општа физичка подготовка (General Conditioning)

4. Ракомет

5. Тенис

6. Кревање тегови (Weightlifting)

7. Џудо



СТРУКТУРА НА КУРСОТ

Програмата нуди баланс помеѓу теорија и пракса, опфаќајќи предмети како спортска психологија, педагогија, физиологија, теорија на тренинг, спортска аналитика и исхрана. Практичниот дел се реализира во водечки унгарски спортски клубови под менторство на универзитетски професори и врвни тренери.

По успешно завршување, учесниците добиваат меѓународно признат Сертификат, кој обезбедува врвна квалификација во областа на спортските науки.

СТИПЕНДИЈА ОД ОЛИМПИСКА СОЛИДАРНОСТ

Македонскиот Олимписки Комитет има право да номинира кандидати (1 машко и 1 женско) за целосна стипендија од Олимписка солидарност. Приоритет при селекцијата ќе имаат кандидати кои покажуваат висок потенцијал за развој на спортот во рамките на соодветната Национална спортска федерација. 

Стипендијата ги покрива трошоците за учество, сместување и едукација.

НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните кандидати треба да достават:

1. Професионална биографија (CV) – со акцент на спортското и тренерското искуство;

2. Мотивационо писмо – во кое ќе се образложат причините за аплицирање и како стекнатото знаење ќе се примени во иднина;

3. Официјално уверение за степен на познавање на Англиски јазик;

4. Потврда за завршено високо образование (VII/1 степен), пожелно е да се има завршено Факултет од областа на спортот и физичкото образование. 

5. Потврда/препорака од соодветната Национална спортска федерација.

6. Скенирана верзија од пасош

7. Медицинско уверение

Документацијата треба да се достави по електронски пат на е-маил адресата: mok@mok.org.mk со назнака Меѓународен курс за тренери Будимпешта Есен 2026 – Име и презиме на кандидатот/кандидатката

РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Крајниот рок за доставување на апликациите до Македонскиот Олимписки Комитет е 27 јули (понеделник).

Апликациите пристигнати по овој рок нема да бидат земени предвид, поради строгите рокови за номинација кон организаторот во Будимпешта.


Со почит,

Македонски Олимписки Комитет

Javen povik