Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, во име на МОК ја прими плакетата за развој и поддршка на боксот, на јубилејното 55. издание на меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ во Скопје.
Плакетата е доделена како признание за улогата на МОК во развојот на боксот. МОК останува еден од најголемите поддржувачи на овој спорт и на неговиот натамошен развој.
На јубилејниот турнир настапија 89 боксери од 20 земји. Победник е украинскиот боксер Јурих Захариев, кој во финалето во категоријата до 75 килограми го совлада Лука Ребернак од Словенија со нокаут во втората рунда. За најдобра боксерка беше прогласена Лаура Галино Лопез од Шпанија, а за најдобар македонски боксер Алин Насуфи.
МОК им честита на сите наградени, како и на сите учесници, тренери и организатори за успешното јубилејно издание.