Назад
Вејсели и Хајдари во финалето на МИ Таранто 2026

Борачите Фати Вејсели и Реџеп Хајдари ги обезбедија првите медали за Македонија на Медитеранските игри „Таранто 2026“, откако изборија пласман во финалните борби во своите тежински категории. 


Двајцата репрезентативци имаат загарантирано најмалку сребро, а утре ќе се борат за златните одличја.

До пласманот во финалето, македонските борачи стигнаа со освојување на клучни поени во последните секунди од нивните денешни борби.


Вејсели во категоријата до 74 килограми го совлада турскиот натпреварувач Јасин Јесил со 5-3 на поени. Во утрешното финале, со почеток во 18:40 часот, тој ќе се соочи со натурализираниот албански репрезентативец Ислам Дудаев.


Во категоријата до 97 килограми, Хајдари извојува победа од 3-2 над францускиот претставник Адлан Висханов. Негов противник во борбата за златото, закажана за 19:20 часот, ќе биде Даурен Куруглиев кој настапува за Грција.


Македонската делегација утре има шанса за уште еден медал. Борачот Ахмад Магомедов (до 86 килограми) ќе се бори за бронзата против италијанскиот репрезентативец Габриеле Николини. Оваа борба е на програмата во 18:50 часот.