Делегација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), составена од Генералниот секретар Ѓорги Тасев и Бранислав Стојановски, стручен соработник на МОК, партнер и член на Комисијата за наука и спорт, успешно ја заврши својата работна и едукативна посета на Пекинг, НР Кина.
Посетата се реализираше во рамките на престижниот „Семинар за организација на големи спортски настани за земјите во развој“ (Seminar on Organizing Major Sports Events for Developing Countries), кој се одржа во периодот од 13 до 26 мај.
Овој настан на највисоко ниво е под покровителство на Министерството за трговија на НР Кина, организиран од Академијата за меѓународни деловни службеници (Academy of International Business Officials), во ко-организација со реномираната „China Sports International Co., Ltd. (CSIC)“. Учеството и патувањето на македонската делегација беше целосно овозможено и поддржано од Амбасадата на НР Кина во Македонија.
Во текот на повеќедневниот престој, претставниците на МОК имаа исклучителна можност да проследат предавања од еминентни стручњаци, универзитетски професори и докажани експерти кои биле директно вклучени во процесот на организација на Летните и Зимските Олимписки игри во Пекинг. Семинарот детално ја опфати комплетната организација на големите спортски настани, паралелно со планирањето, изградбата и управувањето со врвни спортски објекти и инфраструктура. Оваа сеопфатна размена на знаења претставува непроценливо искуство кое ќе биде од големо значење за развојот на спортските капацитети и организацијата на големи мулти-спорт настани во државата.
Покрај богатиот едукативен дел од агендата, посетата беше искористена и за интензивно меѓународно вмрежување. Делегацијата на МОК оствари значајни контакти и нови познанства со спортски работници и претставници од повеќе држави од африканскиот континент и од земјата домаќин, НР Кина, со кои се разговараше за потенцијални идни соработки и размена на искуства.
МОК продолжува посветено да работи на меѓународна афирмација и имплементација на највисоките светски стандарди во македонскиот спорт и и да вложува во знаења, иновации и кадри кои се клучни за унапредување на спортот во Македонија.