Назад
Генерално собрание на ENGSO

Претставничките на Македонскиот олимписки комитет, Сара Глоговац и Елена Зисовска Апостолска, учествуваа на 34. Генерално собрание на ENGSO и Собранието на ENGSO Youth, кое се одржа од 22 до 24 мај 2026 година во Будимпешта, Унгарија, во организација на Унгарската федерација за натпреварувачки спортови (NVESZ).


Настанот обедини претставници на европски спортски организации, олимписки комитети и млади лидери, со дискусии посветени на иднината на европскиот спорт, младинското учество, инклузијата, застапувањето на спортот пред европските институции и родовата еднаквост во спортот.


Во рамки на сесијата „Застапување на спортот во Брисел: ЕУ стратегија за застапување“, беше дискутирано за тоа како спортските организации можат поефикасно да соработуваат со институциите на Европската Унија, како и за можностите за активно учество во креирањето на идните европски спортски политики. Посебен акцент беше ставен на алатките за застапување, вклучување на релевантни чинители и зајакнување на улогата на спортскиот сектор на европско ниво.


Воедно, младинското учество и инклузијата беа во фокусот на сесијата посветена на потребите на организациите во однос на младинското лидерство и вклученост во спортот.


Особено значајна беше сесијата „Градење родова еднаквост во спортот: Споделување програми, предизвици и решенија“, модерирана од Tarja Krum и Sarah Townsend, на која беа презентирани примери на истражувања и проекти посветени на еднаквоста во спортот, како и добри практики од повеќе европски организации. Во рамки на сесијата беше промовирана и новата EWS менторска програма, наменета за поддршка и јакнење на капацитетите на професионалците кои работат во областа на еднаквоста и инклузијата во спортот. 


На Генералното собрание беше претставен и преглед на активностите на ENGSO во областа на политики, проекти, настани и организациски развој, по што следуваа презентации на комитетите за млади, родова еднаквост и ЕУ прашања.


На Собранието беа изгласани и приклучувањето на Турската федерација „Спорт за сите“ како нов асоцијативен член на ENGSO мрежата, додека Thomas Bach, потпретседател на Данскиот национален олимписки комитет и спортска конфедерација (DIF), беше избран за нов член на Извршниот комитет на ENGSO.


Македонскиот олимписки комитет продолжува активно да придонесува во европските иницијативи и процеси насочени кон развој на спортот, младите и еднаквите можности во спортскиот сектор. 🇲🇰🇪🇺


#ENGSOGA2026