Во Општина Струга, во организација на Македонскиот олимписки комитет, се одржа обука за спортска администрација, наменета за претставници од локалната самоуправа, спортските клубови и спортските работници од општината.
Обуката беше отворена од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, кој го поздрави присуството на учесниците и ја истакна важноста од континуирана едукација, професионализација на спортската администрација и зајакнување на локалниот спортски систем.
Од страна на Македонскиот олимписки комитет, на обуката присуствуваа претседателот на МОК, Даниел Димевски, раководителот на секторот за спорт , Петар Спасеновски, како и раководителот на секторот за меѓународна соработка, Сашо Поповски.
Фокусот на обуката беше ставен на унапредување на административните капацитети во спортот, подобрување на комуникацијата меѓу спортските субјекти и институциите, како и запознавање со современи практики за планирање, организација и реализација на спортски активности и програми.
Македонскиот олимписки комитет изразува голема благодарност до градоначалникот Менди Ќура и Општина Струга за гостопримството, поддршката и отвореноста за соработка. Ваквите заеднички активности претставуваат важен чекор кон создавање посилен, поорганизиран и поефикасен спортски систем на локално ниво.
Преку ваквите обуки, МОК продолжува со својата мисија за поддршка на општините, спортските клубови и спортските работници, со цел развој на спортот, младите спортисти и олимпизмот низ целата држава.