Во Олимпискиот дом денес се одржа средба помеѓу претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, генералниот секретар Ѓорги Тасев и италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери.
На средбата се разговараше за повеќе теми од заеднички интерес, со акцент на унапредување на спортската соработка, размена на искуства и можности за заеднички активности во периодот што следи. Посебно внимание беше посветено на Медитеранските игри во Таранто 2026, каде Македонија планира настап со бројна делегација на спортисти, тренери и спортски официјални лица.
Во конструктивна и пријателска атмосфера беа разгледани и можности за организација на заеднички промотивни и културно-спортски активности, кои ќе придонесат за дополнително поврзување и продлабочување на соработката помеѓу двете земји.
Средбата претставува уште еден чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и поддршка на македонскиот спорт на големите мултиспортски настани.