Со многу енергија, спортски дух и насмевки, во Кавадарци успешно се реализираа вторите Мини Олимписки игри 2026, во рамки на ОВЕП програмата поддржана од Олимписка солидарност
Над 150 ученици беа дел од овој прекрасен спортски настан, каде преку шест различни игри и активности ги покажаа вистинските олимписки вредности – фер плеј, почит, тимска работа и пријателство.
Секој учесник доби маичка, сертификат и медал, додека најдобрите тројца беа наградени и со трофеи
Посебна заслуга за успешната реализација на настанот имаат 10-те наставници кои посветено работеа со учениците во текот на целиот процес, помагајќи им да го совладаат Олимпискиот учебен материјал и да се подготват за игрите. Благодарение на нивната посветеност, организацијата и атмосферата беа на навистина високо ниво.
Настанот беше проследен од наставници, директори на училишта и претставници од секторот за образование при Општина Кавадарци, кои ја истакнаа важноста од ваквите активности за младите. Од општината, како и директорите на училиштата, беше изразена желба за продолжување и продлабочување на соработката со Комитетот, со цел уште поголема афирмација и развој на спортот во Кавадарци – град кој со право го носи епитетот спортски град.
Дополнително, беа донирани спортска опрема за две училишта и училишен инвентар, со цел преку креативен и интерактивен пристап уште повеќе да се промовираат олимписките вредности кај младите.
А учениците? Тие беа вистинските херои на денот!
Многу смеа, навивање, дружење и натпреварувачки дух на секој чекор. Се играше со срце до последна секунда, а позитивната енергија создаде атмосфера што долго ќе се памети.
Ова е само почеток – продолжуваме уште посилно, со нови активности и уште повеќе спортски приказни низ целата држава!