Зајакнување на спортското управување и интегритетот во Северна Македонија
Македонскиот олимписки комитет успешно го заврши проектот „Интегритет во спортот: Градење на доверба преку акција“, финансиран од страна на Олимписката солидарност.
Проектот беше насочен кон унапредување на доброто управување, интегритетот, транспарентноста, отчетноста и одржливоста во спортскиот систем во Северна Македонија, со посебен фокус на националните спортски федерации, спортските работници, младите спортисти, учениците и релевантните институции.
Во рамки на проектот беа реализирани повеќе активности насочени кон едукација, превенција и подигнување на свеста за значењето на интегритетот во спортот:
Изработени беа 5 едукативни видеа на теми поврзани со добро управување, демократија, интегритет, инклузија, права и транспарентност во спортот. Видеата опфатија неколку клучни области:
- Blueprint for Good Governance – патоказ за добро управување во спортските организации;
- Democracy in Sport – значењето на демократските процеси и учеството во спортот;
- Inclusion & Rights in Sports – инклузија, еднакви можности и заштита на правата во спортот;
- The Explainer – Integrity – објаснување на концептот на спортски интегритет;
- Transparency in Sports – важноста на транспарентноста и отчетноста во спортските организации.
Подготвени беа едукативни материјали и алатки за интегритет, наменети за националните спортски федерации, спортските организации, тренерите, спортистите и младите, со цел полесно разбирање и примена на принципите на добро управување и етичко однесување.
Реализирана беше работилница со Одделот за сајбер криминал при Министерството за внатрешни работи, посветена на предизвиците поврзани со манипулација во спортот, дигиталните ризици, злоупотребите во онлајн просторот и механизмите за превенција, препознавање и пријавување на сомнителни активности.
Одржани беа три едукативни работилници во средни училишта на тема „Спречување на манипулација во спортот“. Преку овие работилници, учениците беа запознаени со значењето на фер натпреварувањето, спортскиот интегритет, ризиците од местење натпревари, влијанието на обложувањето и важноста од одговорно однесување во спортската средина.
Спроведени беа едукативни и консултативни активности со спортски чинители, насочени кон зајакнување на капацитетите на спортските организации за транспарентно носење одлуки, отчетно работење, почитување на етичките стандарди и создавање поодговорна спортска култура.
Промовирани беа олимписките вредности како основа за градење спортски систем заснован на почит, извонредност, пријателство, фер-плеј, еднаквост и одговорност.
Со реализацијата на овие активности, проектот придонесе кон создавање поинформирана, поодговорна и поотпорна спортска заедница, која подобро ги препознава ризиците поврзани со интегритетот во спортот и ја разбира потребата од заедничко делување против манипулации, корупција, злоупотреби и неетичко однесување.
Македонскиот олимписки комитет, преку овој проект, ја потврди својата посветеност кон јакнење на доброто управување во спортот и создавање долгорочни механизми за интегритет, отчетност, транспарентност и одржливост во националниот спортски систем.







