Зајакнување на заедниците преку едукација за олимписките вредности

Македонскиот олимписки комитет успешно го реализираше проектот „Зајакнување на заедниците преку едукација за олимписките вредности
“, во соработка со Sport Social Solutions, насочен кон промоција на олимписките вредности, зголемување на физичката активност кај младите и создавање еднакви можности за спорт и едукација за учениците од руралните и помалку опфатените средини. Проектот беше реализиран со поддршка на Олимписката солидарност, како дел од заложбите на Македонскиот олимписки комитет за проширување на Олимписката едукација во училиштата и доближување на вредностите на извонредност, пријателство и почит до најмладите генерации.


Во рамки на проектот беа спроведени повеќе едукативни и спортски активности, со посебен фокус на основните училишта во руралните области на Скопје, Куманово, Гевгелија и Кавадарци. Преку интерактивни активности, спортски игри, едукативни содржини и практична работа со ученици и наставници, проектот овозможи олимпизмот да стане дел од секојдневното училишно искуство.


Четири мини олимписки игри – спортска радост во четири региони

Најзначаен дел од проектот беше организацијата на четири мини олимписки игри во руралните области на Скопје, Куманово, Гевгелија и Кавадарци. Овие настани претставуваа вистинска прослава на спортот, другарството и фер-плејот, каде учениците имаа можност да се натпреваруваат, да соработуваат, да учат и да ги почувствуваат олимписките вредности преку игра и заедничко учество.


Мини олимписките игри беа дизајнирани како инклузивни спортско-едукативни настани, во кои фокусот не беше само на резултатот, туку и на тимската работа, меѓусебната поддршка, почитта кон противникот и радоста од учеството. Преку овие активности, децата од средини со ограничен пристап до спортски можности добија простор да бидат активни, мотивирани и вклучени во позитивна спортска средина.


Донација на спортска опрема и училишен инвентар

Како трајна вредност на проектот, Македонскиот олимписки комитет донираше спортска опрема и училишен инвентар во сите училишта кои беа дел од проектот. Донацијата опфати материјали потребни за реализирање на спортски активности, часови по физичко образование и дополнителни училишни активности.


Со ова, училиштата добија конкретна поддршка која ќе остане во нивна употреба и по завршувањето на проектот, овозможувајќи им на учениците континуиран пристап до спорт, рекреација и активности кои го поттикнуваат здравиот начин на живот. Донацијата претставува важен чекор кон подобрување на условите за физичка активност во руралните средини и создавање одржлива основа за понатамошно развивање на спортската култура кај младите.


Едукација, обука и зајакнување на училиштата

Покрај спортските активности, проектот вклучи и едукативна компонента насочена кон воведување на олимписките вредности во училишното опкружување. Наставниците и волонтерите беа вклучени во активности кои им помогнаа подобро да ги разберат и применат принципите на Олимписката едукација во наставата и во воннаставните активности.Овие активности беа водени од страна на надворешна Експертка од Литванија, која ги едуцираше наставниците како секој предмет да биде изучуван преку методите на Олимпизмот и олимписките вредности.


Целта беше учениците не само да спортуваат, туку и да учат како вредностите на почит, пријателство, еднаквост, истрајност и фер-плеј можат да се применуваат во секојдневниот живот – во училиштето, во спортот и во заедницата.


Во рамки на проектот беа преведени и приспособени и 2 од трите официјални Прирачници кои се издадени од страна на Интернационалниот Олимписки Комитет, и истите беа дадени на користење на сите училишта како материјали кои можат да ги користат и понатаму.


Трајно влијание врз младите и локалните заедници

Проектот придонесе за поголема вклученост на учениците во спортски активности, зајакнување на соработката меѓу училиштата, локалните заедници и Македонскиот олимписки комитет, како и за создавање позитивна основа за понатамошна интеграција на Олимписката едукација во образовниот процес.


Преку мини олимписките игри, едукативните активности и донацијата на опрема, проектот остави конкретен и видлив придонес во училиштата и заедниците каде што беше реализиран. На овој начин, Македонскиот олимписки комитет продолжува да ја шири мисијата на олимпизмот – спортот да биде достапен, инспиративен и корисен за секое дете, без разлика каде живее.


MK OVEP_Playbook
MK OVEP Fundamentals