Во рамки на Laser Run Skopje 2026, Македонскиот олимписки комитет (МОК) донираше спортска опрема и реквизити за СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, како дел од своите активности за поттикнување на училишниот и младинскиот спорт и создавање подобри услови за спорт и физичка активност кај младите.
Донацијата е дел и од активностите на МОК за одбележување на 20 Ноември – Светскиот ден на детето, кој ја истакнува важноста на грижата за децата, нивните права, можности и услови за здрав и правилен развој. Токму спортот има значајна улога во овој процес, бидејќи покрај физичката активност, им овозможува на децата да развиваат тимски дух, дисциплина, истрајност, самодоверба и почитување на другите.
Донацијата опфаќа фудбалски и кошаркарски топки, спортски маици, шорцеви и спортски јакни, а посебна радост кај учениците предизвикаа и препознатливите олимписки маскоти Шајни.
Со оваа иницијатива, МОК ја продолжува својата заложба олимписките вредности да ги доближи до децата и младите, не само преку спортските натпревари и успеси, туку и преку конкретни активности што го поттикнуваат нивното вклучување во спортот. Инвестицијата во младите и нивните спортски можности е инвестиција во генерации кои ќе растат со вредностите на почитувањето, пријателството, солидарноста и фер-плејот.
Зашто секој голем шампион некогаш бил дете со голем сон, а можноста тој сон да се развива започнува со поддршка, охрабрување и пристап до спортот.
МОК упатува благодарност и до Горска вода за поддршката и обезбеденото освежување за учесниците на Laser Run Skopje 2026.