Македонскиот олимписки комитет (МОК), во соработка со ООУ „Владо Тасевски“ од општина Карпош, денеска го одбележа Светскиот ден на детето со програма посветена на играта, дружењето и олимписките вредности.
По тој повод, претседателот на МОК, Даниел Димевски и Петар Спасеновски, раководител на Секторот за спорт и спортски прашања при МОК, ги посетија учениците, кои им приредија пречек пред училиштето. Средбата беше одбележана и со симболична размена на подароци меѓу Димевски и директорот на училиштето.
Во свечениот дел беа претставени ликовната изложба „Олимписки вредности низ очите на децата“ и расказ на тема спорт, олимпизам, етика и фер-плеј, кој го прочитаа ученици. Преку интерактивен дел, учениците се запознаа со олимписките вредности – пријателство, почит и извонредност. Спортските активности свечено беа отворени со пуштање балони во олимписките бои.
„Олимпизмот не е само за врвни спортисти што се натпреваруваат пред целиот свет. Олимпизмот е начин на живот“, порача претседателот Димевски пред учениците. Тој ги потсети дека вистинската вредност е во трудот, упорноста и желбата да бидеме подобри од денес, а не од другите.„Не ме интересира кој ќе победи, туку кој ќе ужива, кој ќе му помогне на другарот и кој ќе покаже фер-плеј“, додаде Димевски.
Потоа следеа спортски натпревари – одбојка во мешани екипи од 6. до 9. одделение и мини-турнир во фудбал, додека помладите ученици учествуваа во штафетни трки и други спортски игри. МОК му донираше на училиштето спортска опрема – топки за фудбал, кошарка и одбојка.
Со ваквите активности, МОК ги доближува олимписките вредности до најмладите и го поттикнува спортот како дел од секојдневниот живот на децата.