Како се планира и организира еден голем меѓународен спортски настан? Што е потребно за да се координираат сите активности, да се обезбедат соодветни услови за спортистите и публиката и успешно да се реализира натпреварување од големи размери? Овие прашања беа во фокусот на модулот „Организација на високи спортски настани“, кој се одржа во рамки на Обуката за напреден спортски менаџмент на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија (ОКСМ).
Предавач беше Бесим Алити, генерален секретар на Олимпискиот комитет на Косово и член на Организацискиот комитет за Медитеранските игри – Косово 2030. Тој сподели искуства од работата во олимпиското движење и подготовките за организација на голем меѓународен спортски настан, приближувајќи им на учесниците како изгледаат процесите зад ваквите спортски манифестации.
Во текот на модулот беа обработени повеќе практични аспекти на организацијата, меѓу кои планирањето и координацијата на активностите, соработката со домашни и меѓународни институции, обезбедувањето спортска инфраструктура и логистика, управувањето со ризици, како и подготовката и контролата на буџетот.
Преку конкретни примери од практиката, учесниците имаа можност да дознаат со какви предизвици се соочуваат организаторите на големите спортски настани – од првичната идеја и подготовката на кандидатурата до организацијата и спроведувањето на самиот настан.
Со реализацијата на овој модул, МОК продолжува со Обуката за напреден спортски менаџмент, насочена кон унапредување на стручните знаења и практичните вештини на кадрите во македонските спортски организации. Преку ваквите едукативни содржини, учесниците стекнуваат знаења и компетенции за успешно планирање, организирање и управување со спортски активности и настани, во согласност со современите меѓународни стандарди.