Назад
Даниел Димевски доби огромна доверба од делегатите да го предводи МОК и во следните четири години

Актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, доби огромна поддршка од делегатите на редовното изборно собрание на организацијата, кои со големо мнозинство му дадоа доверба да го предводи МОК и во следниот мандат. Од 55 присутни делегати, 45 гласаа за Димевски, 8 беа против, а двајца беа воздржани.

sobranie 5

За изборот на Димевски, на непосредни избори со тајно гласање во максимално фер и демократска постапка за претседател на МОК гласаа националните спортски федерации и истакнати македонски спортски имиња, кои се делегати на изборното собрание. Со својот глас, тие ѝ дадоа поддршка на програмата за работа што Димевски ја презентираше јавно кога ја поднесе својата кандидатура за претседател на МОК и која всушност е најобемната и најдеталната програма за работа што досега ја имала националната олимписка организација. Програмата се темели на 12 столбови кои, меѓу другото, предвидуваат нови големи инвестиции во нова спортска инфраструктура, што и досега беше еден од главните приоритети во работењето на МОК. 

sobranie 4

Исто така, програмата за работа за 2024-2028 година предвидува и бројни бенефиции за спортистите и националните спортски федерации, како и уште поголема независност, автономија и независен модел на финансирање на спортските организации и националните спортски федерации, според одредбите на Олимписката повелба. За реализација на проектите кои Димевски ги наведе во програмата веќе обезбеди финансиска конструкција за време на досегашниот мандат.

sobranie 6

По изборот, Димевски истакна дека и понатаму ќе ги брани интересите на МОК и на националните спортски федерации, макотрпно работејќи за да обезбеди натамошна финансиска и логистичка поддршка за развој на македонскиот спорт. Крајната цел на МОК, според Димевски, е да го развива националниот спорт според начелата на олимпизмот и да овозможи подобрување на резултатите што ги остваруваат македонските спортисти во домашни и меѓународни рамки. 

sobranie 10

Како и досега, МОК ќе продолжи со континуираната поддршка за спортистите и националните спортски федерации, но и понатаму ќе се продлабочува соработката со меѓународните олимписки организации, применувајќи ги во работењето практиките и принципите на добро владеење.

sobranie 7