Назад
Огромни инвестиции во спортската инфраструктура и стимулации за најдобрите спортисти

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, денеска (петок) јавно ја презентираше својата програма за работа за периодот од 2024 до 2028 година, како кандидат за претседател на МОК во следниот мандат. Редовното изборно собрание на МОК е закажано за 8 февруари, кога членовите на Собранието на оваа организација ќе избираат претседател за следните четири години. 

Програмата за работа на актуелниот претседател Димевски е насловена според олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно, заедно” и е најобемната и најдеталната програма за работа што досега ја имал МОК. Оваа програма се темели на 12 столбови кои, меѓу другото, предвидуваат големи инвестиции во нова спортска инфраструктура, бројни бенефиции за спортистите и националните спортски федерации, стимулации за најдобрите спортисти и остварени спортски постигнувања, помош и поддршка на најранливите категории спортисти, реализација на голем број општествено-одговорни спортски проекти и др. За реализација на најголемиот дел од наведените проекти во програмата веќе е обезбедена финансиска конструкција и локации. 

Според програмата за работа на Димевски, во следните четири години предвидена е изградба на нова спортска инфраструктура која ќе биде лоцирана во олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“ во Скопје, во вкупна вредност од 340.000 долари. Во наведениот период од 2024 до 2028 година ќе се изградат тренинг центар за боречки спортови, вештачка карпа за качување (болдер карпа), голф симулатор, тренинг центар за стреличарство, покриен скијачки тренинг-центар со симулатори за скијање и мини лизгалиште, а предвидено е и доопремување на ТВ студиото на МОК со нови технологии со цел да се обезбедат уште поквалитетни преноси на спортските настани. Финансиските средства за реализација на сите овие проекти веќе се обезбедени.
    

Претседателот Димевски за следниот мандат најавува уште поголема независност, автономија и независен модел на финансирање на спортските организации и националните спортски федерации, според одредбите на Олимписката повелба. Целта е максимално да се заштитат спортските организации од влијанието на државните функционери, а финансирањето на спортските организации да зависи исклучиво од реалните спортски постигнувања и резултати. Во таа насока Димевски најавува и јакнење на функциите на Спортско-арбитражниот суд, формирање контролно тело составено и избрано од федерациите, а предлогот за директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС) задолжително да биде одобрен и прифатен од страна на спортските федерации. Во оваа насока се предвидува и носење на нова спортска регулатива, односно изработка на нова стратегија и комплетно нов закон за спорт, во чија изработка ќе бидат вклучени сите засегнати страни: спортисти, клубови, федерации, спортски работници и други професии кои имаат допирна точка со спортот. Новата спортска регулатива предвидува и удвојување на финансиските износи што спортските организации сега ги добиваат од АМС.

Новата програма за работа предвидува многу поволности за спортистите, спортските федерации и останатите спортски работници. Планот предвидува дополнителни финансиски стимулации за најдобрите спортисти кои освојуваат медали на националните и меѓународните првенства, стипендирање на најдобрите млади спортисти од секој спорт кои остваруваат перспективни резултати, како и бенефиции за сите репрезентации и национални спортски федерации во олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“, меѓу кои и бесплатно користење на теретаната и специјалната лабораторија за тестирање на спортските перформанси, бесплатно користење на конгресната сала, видео-салата и канцелариите, попуст на користење на „Јане Сандански“ за организација на меѓународни и државни првенства и др.

Покрај овие проекти, МОК ќе продолжи да реализира и повеќе општествено-одговорни проекти како што беше практика и во изминатите години. Така, програмата на Димевски предвидува помош и поддршка на ранливите категории преку бесплатно користење на спортската сала и канцелариите и донација на спортска опрема и реквизити. Дополнително, планирана е реализација на нови, солидарни проекти, како што се проектот „Олимписко срце“ со кој се обезбедува бесплатно лекување за олимписки великани и спортски легенди и проектот „Олимписки сон“ кој предвидува бесплатни тренинзи и користење на сите содржини во спортскиот центар „Јане Сандански“ за децата без родители. Паралелно со овие проекти, МОК ќе продолжи со донациите на спортски реквизити за основните и средните училишта низ земјава.

За претстојните четири години, МОК веќе обезбеди финансии со кои ќе инвестира во едукации и тренерски програми за спортистите и спортските работници, во вкупна вредност од 732.000 долари. Исто така, МОК успеа да се избори нашата земја во следните години да биде домаќин на неколку многу значајни меѓународни настани, како што се одржувањето на Европските младински олимписки игри Скопје 2025 (EYOF), Стручен конгрес на Медитеранските олимписки комитети - Скопје 2024, како и Младинскиот олимписки фестивал на земји на Југоисточна Европа на кој ќе учествуваат 4.000 млади спортисти во 15 спортови од цела Европа.

Покрај програмата за работа 2024-2028, Димевски го презентираше и отчетот за сработеното во досегашниот мандат. Од многубројните реализирани проекти, може да се издвојат обезбедувањето на Олимписки дом за спортистите (Олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“), комплетно реновирање на двете спортски сали во Центарот, теретаната и канцелариските простории, како и обезбедување нови спортски содржини за одбојка, кошарка – шут машина, пинг-понг маси, текбол-маси и др. Во досегашниот мандат, Димевски и МОК овозможија изградба и целосно опремување на спортско-медицински центар за физичка подготовка на спортистите, со што земјава доби најсовремена спортско-медицинска лабораторија.

Континуираното вложување во спортската инфраструктура и подобрување на условите за работа на спортистите резултираше со неколку големи остварени спортски резултати, како што е освоениот сребрен медал на Олимписките игри во Токио на теквондистот Дејан Георгиевски во 2021 година и подоцна освојувањето на сребрен медал на Европските игри во Краков во 2023 година. Борачите Магомедгаджи Нуров и Владимир Егоров се закитија со златни медали, првиот на Медитеранските игри Оран во 2022 година, а вториот на Европското првенство во Будимпешта во 2022 година. Покрај нив, олимпискиот стипендист, атлетичарот Дарио Ивановски, постави нов национален рекорд на маратонот во Валенсија во 2023 година.

Димевски најавува дека поддршката за спортистите и националните федерации ќе продолжи и во следниот мандат, исто како што уште повеќе ќе се продлабочува соработката со меѓународните олимписки организации кои во изминатите години на МОК му дадоа огромна поддршка во неговата работа.