Датум: 2/3/4 октомври на островот Сал, Зелен ' Рт
Објавуваме јавен повик за тридневна обука што ќе се одржи на почеток на октомври на островот Сал, Зелен ' Рт (Капо Верде).
ОПИС
Обуката е на тема родова еднаквост и унапредување на родовата застапеност во структурите на спортските организации во Македонија и на ЕУ ниво и е организирана во рамки на Еразмус проектот GE FORCE.
За време на тридневната обука ќе се презентира првиот од вкупно седум модули кои се однесуваат на бариерите кои го ограничуваат пристапот на жените до раководни позиции како и факторите кои можат позитивно да влијаат на нивно отстранување. На обуката ќе бидат претставени главните бариери на макро (структурни), мезо (организациски) и микро (индивидуални) основи кои произлегоа од истражувањето во седум држави.
Од учесниците се очекува посветеност и редовна партиципација на сите модули во рамките на сеопфатната едукативна програма, од кои првиот ќе биде детално презентиран на Сал а останатите модули ќе бидат достапни онлајн. По завршување на сите модули, учесниците ќе бидат поттикнати да развијат и имплементираат иницијативи за подобрување на родовата еднаквост во организациите кадешто делуваат.
Детална програма на обуката ќе биде достапна еден месец пред патувањето.
Обуката има за цел да обезбеди:
Разбирање на темата родова еднаквост со фокус на подобрување на родовата застапеност на раководни позиции во спортскиот сектор
Вештини за креирање и развивање на активности за еднаков пристап и можности на жените во спортскиот сектор
Подлабоко разбирање на Еразмуз проектот GE FORCE кој го имплементира Олимпискиот Комитет заедно со останатите шест спортски организации од ЕУ
Поддршка при имлементација на наученото од едукативната програма во локалниот контекст
Можности за вмрежување со лица од останатите партнерски организации - Португалија, Ирска, Италија, Зелен 'Рт, Полска и Холандија.
ЗА УЧЕСНИЦИТЕ
Обуката е отворена за сите лица кои се активни или поранешни спортисти и спортистки и кои моментално дејствуваат во спортскиот сектор во улога на тренер, менаџер, администратор или друг профил на спортски работник/чка. Обуката е отворена за машки и женски лица, и особено ги охрабруваме лицата од помалку развиените средини да се пријават на обуката. Обуката ќе се одржи на англиски јазик и потребно е сите заинтересирани кандидати/ки одлично да го владеат англискиот јазик. Повикот е отворен за лица од 18 до 37 годишна возраст.
КАКО ДА АПЛИЦИРАТЕ
Заинтересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на обуката на пошта erasmus.mok@gmail.com најдоцна до 12.06.2023. Во писмото апликантите треба да наведат во кој спорт се вклучени и во која спортска организација ( федерација или клуб) дејствуваат како и да го објаснат својот мотив за пријавување на оваа обука.
За резултатите од изборот апликантите ќе бидат информирани најдоцна до 10.07.2023.
ТРОШОЦИ
Учество на обуката не се наплаќа. Сите трошоци поврзани со авионски билет, виза, сместување и храна се обезбедени од Олимпискиот Комитет.
Од Олимпискиот Комитет ќе патуваат двајца претставници/чки кои ќе водат дел од обуката.