На вториот дел од “Форумот на спортисти“, МОК разговараше со повеќе врвни спортисти кои го искажаа своето мислење за добрите работи кои ги следат во текот на нивната спортска кариера, но искрено потенцираа и што е тоа што може да се корегира во однос на соодветната помош кој тие мора да ја добиваат како и предлози за системски институционални решенија за вклучување на врвните спортисти и нивно вработување во државните институции.
Во разговорите со МОК (линк: https://www.youtube.com/watch?v=-iHtcmwH5t0&t=15800s) се појавија Дејан Георгиевски, Могамед Ибрагимов, Филип Додевски, Емил Павлов, Едина Муса, Стојан Поповски, Тодор Гечевски и Ставре Јада, а свое видување за кариерата на спортистите надвор од спортските терени даде и еден од најдобрите македонски тренери м-р Бобан Митев.
Спортистите како најголеми проблеми ги идентификуваа проблемите со квалитетен стручен тренерски и административен кадар кој би посветил многу повеќе време за нив и околу нив, пристапот до врвни спортски објекти, поголема вклученост на науката во спортот, почесто учество на меѓународни (квалификациони) турнири и натпревари во текот на годината, можноста за ослободување од часови во средните училишта и високо образовни институции преку е-едукација, недостаток на квалитетна спортска опрема, обезбедување на „кариера после кариера„ односно вработување по завршување на спортската кариера во државните институции и други предлози кои ќе бидат доставени до соодветните и одговорни институции.